Објавата на Јирген Клоп дека по завршувањето на сезоната ќе го напушти Ливерпул беше изненадување и за тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола. Германецот и Шпанецот развија големо ривалство, но и пријателство во претходните години на клупите на Ливерпул односно Сити.
Гвардиола имаше што да каже за заминувањето на Клоп од „Енфилд“.
„Сигурно ќе се врати само не сака да признае. Го знам тоа. Можеби за 10 години, кога ќе ја врати енергијата, можеби како селектор, но го познавам тој тип на луѓе и сигурен сум дека пак ќе биде тренер. На фудбалот му се потребни личности како него. Сакам идната сезона да излеземе на вечера“, изјави Гвардиола по победата на Сити над Тотенхем во ФА купот.
Потоа се пошегува:
„Сега помирно ќе спијам. Пред мечевите со Ливерпул секогаш имав кошмари. Секако дека ќе ми недостасува. Ова е изненадување за сите. Тој е најдобриот противник во мојата тренерска кариера. На Премиер лигата ќе и недостасува неговата харизма. И Манчестер Сити ќе изгуби нешто, не можеме да го дефинираме нашиот период без него во Ливерпул“, додаде каталонскиот тренер.