По серија порази, екипата на Гостивар го оствари првиот триумф под водство на Јорданчо Давитков. На денешниот дуел со Охрид, Гостиварци славеа со 108:86 и успеаја да ја прекинат лошата низа, забележувајќи ја петтата победа, со која остануваат на 8. место на табелата.
Кошаркарите на Феникс 2010 стигнаа до третата последователна победа, откако вечерва прилично лесно се справија со Кожув на гостувањето во Гевгелија и на крајот славеа со убедливи 76:95. За гостите ова беше деветтиот сезонски триумф, додека екипата на Кожув го претрпе и дванаесеттиот пораз.
Рис со 25 поени го предводеше тимот на Феникс до победата, а добра партија имаше и Хајнс-Џонс кој заврши со 16 поени. Кај домашните за издвојување е настапот на Хукиќ кој постигна 17 поени.
Уште помалку проблеми да дојде до победата имаше Чаир. Тие на гостувањето кај Вардар на крајот славеа со 102:60. Доминацијата на гостите беше забележлива уште по првиот дел кој го завршија со предност од 24 поени.
Американецот Роби постигна 23 поени за Чаир, додека Какруки заврши со 22. Кај домашните Наков имаше 12 поени.