Челниците на проектот наречен Суперлига во фудбал планираат да поднесат тужба против Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) со барање за обештетување во износ од повеќе од 3,5 милијарди евра, пренесува италијанското издание „Калчо е Финанца“. Колосалната сума се должи на финансиските загуби од задоцнетиот проект.
На крајот на минатата година, челниците на Суперлигата ја забележаа првата победа против УЕФА. Судот на правдата на Европската унија (ЕУ) тогаш пресуди дека УЕФА како и ФИФА ги прекршиле правилата, спречувајќи ги 12-те клубови да создадат Суперлига.
Организацијата подигнала огромен заем договорен со ЈП Морган, чија предвремена отплата ги чинела основачите на Суперлигата милијарди евра отштета. Покрај тоа, се проценува дека повеќе од 1,3 милијарди евра се изгубени од непотпишаните договори за ТВ права.