Вчера во Анталија екипата на Шкендија одигра 1:1 со украинскиот гигант Динамо Киев. Тоа беше последен меч од текот на подготовките за тетовските “црвено – црни“ во пресрет на стартот на пролетниот дел во ПМФЛ.
Стратегот на тетовци Јетон Беќири за клупскиот сајт истакна дека е задоволен од тоа како минаа подготовките, посебно ако се знае дека Шкендија на петте контроли забележа четири победи и само едно реми, тоа вчера со Динамо Киев.
“Чест е да се игра против така големи екипи како Динамо Киев. Кога се игра против така големи екипи тогаш најубаво се гледа до каде си ти во моментов. Инаку јас мислам дека имавме одлични подготовки, резултатите се добри, но тие беа во втор план. Поважно беше добро да се подготвиме, да им дадеме шанса на сите наши играчи и да го одбереме стартниот тим. Искрено јас веќе ја имам во себе формацијата на Шкендија. Сметам дека Шкендија пролетниот дел го дочекува максимално подготвена“ рече покрај другото Јетон Беќири.