Стенио Жуниор – екс играчот на Шкендија и Рига: Се разбира дека ќе навивам за тетовци!

1213

Во четврток во Летонија, нашиот шампион, тимот на Шкендија во првиот меч од 2.квалификациско коло во Конференциската лига ќе му гостува на составот на Рига. Реваншот се игра во Скопје на 29 јули.

Бразилецот Стенио Жуниор, кој сега блеска во дресот на Партизани од Тирана, е некогашен играч и на двете екипи. Во Шкендија беше од 2014 до 2020, а во Рига од јануари 2020 до септември истата година.

Кога сме кај Рига да споменеме дека пред три години таму тренер беше и Гоце Седлоски, сегашниот стратег на Шкупи.

Не е тајна дека Жуни, како што го нарекуваат во Тетово, е една од легендите на Шкендија. Бразилецот освои се што можеше да се освои со тетовскиот клуб, две титули шампион на Македонија, два купа на Македонија, трипати играше во плеј – офот со Шкендија во Лигата на Европа.

Токму и затоа Спортмедиа направи ексклузивно интервју со Жуниор во пресрет на двомечот меѓу двете негови некогашни екипи.

МОИТЕ СИМПАТИИ СЕ КОН ШКЕНДИЈА

На прашањето за кого Стенио ќе навива, Бразилецот без двоумење истакна…

Се разбира за Шкендија. Моите симпатии се кон тетовци. Играв и во двете екипи, сепак ќе навивам за Шкендија. И поради респект кон клубот и играчите кои сега играат таму а со голем дел од нив и јас играв во тој клуб. Секако и поради времето кое го минав таму“ посочи Жуни за Спортмедиа.

Според него Рига можеби е мал фаворит на хартија…

Се знае дека во фудбалот се може да се случи. Можеби во овој двомеч фаворитската улога ја има Рига, но јас сум убеден дека Шкендија може да ја мине оваа пречка. Шкендија има квалитетни играчи што може да ја однесат екипата далеку во ова натпреварување“.

За тоа кои се добрите, а кои се помалку добри страни на Рига, Жуни истакна…

Моето мислење е дека квалитетот на Рига е во средниот ред и во нападот. На тоа Шкендија треба да обрне посебно внимание. Но затоа одбраната на летонците е нешто послаба и тоа Шкендија мора да го искористи. Дефанзивците на Рига си имаат големи проблеми, ете тука е шансата на тетовци“.

БИ СЕ ВРАТИЛ ВО ТЕТОВО БЕЗ ПРОБЛЕМИ…

И на крај дали Стенио Жуниор се гледа себе си одново во црвено – црниот дрес на Шкендија, Бразилецот одговори…

Имам голем респект кон Шкендија. Минав долго време таму, испишавме историја на клубот. Секако дека ако постои макар и мала шанса да се вратам, јас тоа ќе го сторам. Многу добро знам дека Шкендија е голем и организиран клуб, знам колку бев почитуван таму, и од фановите се разбира, така да би се вратил без проблеми. На крај да и посакам среќа на Шкендија против Рига и да и посакам да се пласира во следното коло“.

Кога сме кај Жуниор да споменеме дека во моментите додека Шкендија ќе игра во Рига, тој со Партизани ќе гостува во Базел, исто во меч од 2.квалификациско коло во КЛ. Во првото против Молдавскиот ФЦСГ, постигна четири голови во двата меча во кој Партизани победи со вкупни 8:4.

ПретходноОИ во Токио би можеле да се откажат!
СледноИзвршниот директор на Милан има рак на грлото!