Надежта е вратена: Кошаркарите ја „згазија“ Полска (ФОТО)

691

Македонската кошаркарска репрезентација ја запиша првата победа во квалификациите за пласман на Европското првенство 2025 година. По поразот од Естонија на домашен терен, „црвено-жолтите“ од Сосновиец испратија порака дека ништо не е готово, ја совладаа Полска на гости со 71-96 во вториот квалификациски дуел.

Ненад Димитријевиќ со 32 поени, 8 скока и 8 асистенции беше лидер, зад него беше Итан Хап со 19 поени, 7 скока и 5 асистенции, додека пак Стојан Ѓуроски постигна 17 поени. 

На стартот на мечот се повреди Војдан Стојановски, засега не е познато дали ја обнови повредата од Купот на Македонија пред една недела или пак станува збор за нешто друго. Ова ќе биде голем удар за МЗТ Скопје во продолжение на сезоната.

Одлично прво полувреме, но уште подобра трета четвртина за нашите кошаркари. Одиграа цврсто во одбраната, го принудија противникот на бројни загубени топки и промашувањата од линијата за три поени.

Полска беше добра само на стартот кога поведе со 9-3 и 14-8, водеше нецели пет минути. По ова следеше серија од 13-0 за Македонија за плус 14-21. Со нова серија од 6-0 во креација на Нено и Магдевски, нашата репрезентација на стартот на втората четвртина поведе со 16-29. Магдевски имаше краток блесок го одржуваше двоцифреното водство, најголемото изнесуваше 13 поени (32-45). И покрај бројните тамј-аути Полска не успеа да одигра на посакуваното ниво. На одморот резултатот беше 38-47.

Избраниците на Александар Јончевски продолжија во ист ритам, во третата четвртина беа неверојатно убедливи со 12-22. Македонија со нова серија од 12-0 поведе со плус 19 (42-61) во 25 минута. Мекиќ и Ѓуроски постигнаа по десет поени, два имаше Хап. Ова беше период во кој Полска продолжи да форсира од линијата за три поени иако не им одеше вечерва, што пак беше одлично за нас. Во 29 минута Полска целосно се распадна, губеше со минус 23 (46-69).

Полска се разбуди во последната четвртина по само минута и пол со серија од 7-0 дојде на 57-69. Првите поени во овој период ги постигнаа Нено, Хап и Ѓуроски набрзина вратија на 47-77 давајќи го знаење дека овој меч треба да заврши само со едно сценарио. Ниту имаше време, ниту пак Полска имаше сили за нешто повеќе.

Македонија следните квалификациски мечеви ќе ги игра во ноември, ја чекаат две пресметки против Литванија. По победата на Естонија над Литванците, сега ќе треба да дојде до победа на овие мечеви за да го живее европскиот сон.

ПретходноЛоши вести за Македонија: Естонија не застанува, ја „тресна“ и Литванија!
СледноХап: Лесно е кога имаш играч како Нено, му ја даваш топката и тој знаеш што да направи!