Гичевска: Да игравме вака во Скопје – сигурно ќе победевме!

541

Македонската женска ракометна репрезентација, ЕХФ неделата ја заврши со два порази од Шпанија, први во квалификациите за ЕП 2024 година. Шпанија ја оправда фаворитската улога во нашата група, а „црвено-жолтите“ пласманот на ново големо натпреварување ќе го бараат на следната ЕХФ недела против Азербејџан на гости и Литванија на домашен терен. Ова се две селекции против кои славеа на првите натпревари.

По убедливиот пораз во Скопје, во Шпанија нашите ракометарки одиграа поинаков меч, покажаа дека можат многу повеќе, покажаа поинаква игра, која ја зголеми самодовербата.

„Одиграме многу поборбено, се боревме за секоја топка, како во нападот, така и во одбраната. Се покажавме во поразлично светло од Скопје. Да игравме вака на првиот натпревар сигурно ќе дојдевме до победа“, изјави Леонида Гичевска.

Катерина Дамјаноска размислува слично, потенцира дека треба да бидат задоволни бидејќи сепак играат против Шпанија.

„Треба да бидеме задоволни, покажавме подобра игра од Скопје, се боревме за секоја топка. Во нападот игравме смирено, со мирни глави, немавме промашени зциери. Реализацијата беше подобра, топката течеше лесно, ги поправивме грешките. Треба да бидеме задоволни, сепак разликата не е лоша ако се земе во предвид дека игравме против Шпанија“.

Македонија е втора во групата со четири бода зад Шпанија. Третото место го делат Литванија и Азербејџан, кои имаат по два бода.

Претходно„Ладен туш“ за навивачите: „Чудотворец“ без искуство во „Лига на пет“ на клупата на Баерн?
СледноЛиверпул го чека „пеколно“ лето: Заедно со Клоп си одат три ѕвезди