МЗТ Скопје победник од пресметката со Чаир

501

Конечно завршница на дуелот меѓу Чаир и МЗТ Скопје, победник излезе гостинскиот тим кој славеше со 84-89. Мечот кој беше закажан во четвртокот, се доигра вечерва поради инцидентот кој се случи на полувремето при резултат 42-44. Помошниот тренер на актуелниот првак беше нападнат, а целиот тим доби закани на патот кон соблекувалната, по едно вакво неспортско сценарио, „сино-белите“ одбија да го доиграат дуелот.

Комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ ги изрече казните, а една од нив беше домаќинот да игра без присуство на публика почнувајќи од оваа средба.

Двата тима во последните две четвртини влегоа со голем мотив. МЗТ Скопје со двата поени на Војдан поведе со 54-64, но влезе во серија на промашувања, па Чаир врати на голема врата со серија од 9-0 и дојде на 63-64 на стартот на последната четвртина.

Војдан со тројка го прекина налетот на противникот за 63-67, но Чаир продолжи да решета, па поведе со 68-67. МЗТ имаше одговор, со серија од 11-2 зголеми на 70-78 на четири и пол минути до крајот. Како по непишано правило Чаир успеа да се врати и да намали на 75-78, но Дамјан беше незадржлив, повторно со тројка го донесе својот тим на подносливи 75-81.

Чаир не реализираше важни слободни фрлања, а тоа знаеше да го казни МЗТ Скопје, кој на крајот заслужено се радуваше.

Гилон со 19 поени и 7 асистенции беше најефикасен, зад него беа Војдан, Дамјан и Баковиќ со по 16 поени. На другата страна Галовеј имаше 40 поени.

Работнички и МЗТ Скопје ја продолжуваат трката за првото место, имаат 36 бода, зад нив е Пелистер со 34 бода.

ПретходноВинисиус збесна пред камерата: На секој меч судијата ми покажува жолт картон
СледноКрај на фантастичната победничка серија на Одермат во супервелеслаломот