На три натпревари до крајот на регуларниот дел од Евролигата, Реал Мадрид го обезбеди првото место откако по доминантниот старт на сезоната вечерва го „преслуша“ и Партизан во Белград. Реал до победата и првото место дојде во голем стил, соборувајќи го Партизан во преполната белградска „Штарк Арена“ со убедливи 76-88 со што дојдоа до својата 25 победа. Сега Партизан има скор 14-17 и останува да трепери за место во плеј-ин делот.
Марио Хезоња со 25 поени, 5 скока и 4 асистенции беше убедливо најдобриот играч на Реал на овој меч, a Козер постигна 10. Kaj Партизан најефикасен беше Камински со 19 поени, Аврамовиќ и Нанели постигнаа по 10.
Кошаркарите на Олимпијакос го направија тоа што требаше вечерва. Во дуел со слабиот Асвел во Пиреја победија со 80:64 и на тој начин со скор 19-12 останаа во борба за предност на домашен терен во плеј-офот.
Кошаркарите на Жалгирис ја победија Басконија во Каунас со 94:76 и со тоа избраниците на Андреа Тринкиери го остварија вториот триумф во двојната рунда, додека Басконија го забележа вториот пораз. Литванскиот гигант сега има скор од 13-18 и се уште сонува за место во плеј-ин делот.
Вечерашната програма во рамките на 31. коло започна со натпреварот во Истанбул, каде домашниот Анадолу Ефес по голема борба ја совлада последно пласирана Алба со 85:84. Ефес ја искористи предноста на домашниот терен, па по Олимпијакос пред два дена, сега пред своите гледачи ја совлада и Алба и воедно, ги задржа шансите за пласман во плеј-ин откако сега дојде до 14-тата победа.