Попладнево од 15 часот на СРЦ “Билјанини Извори“ во Охрид, во првиот меч од второто полуфинале во Купот на Македонија, се среќаваат Воска и Македонија ЃП. Вчера на Чаир, во првиот меч од првото полуфинале, Шкупи и Тиквеш одиграа без победник 0:0.
Јасно е дека во пресрет на денешниот дуел, традицијата, историјата, па ако сакате и квалитетот и големината на клубот, се на страната на Македонија ЃП. “Лавовите“ денеска и на реваншот на свој терен за две недели, ќе атакуваат на своето шесто финале или трето во низа. На претходните две, против Силекс и Струга ТЛ, двапати на пенали, го освоија пехарот.
Тимот од Ѓорче во тие пет финалиња има три трофеи, посебно во последните години покажа дека знае и тоа како да игра вакви мечеви, посебно “лавовите“ се непобедливи кога се изведуваат пеналите.
Сепак и Воска си има свои сметки. Охриѓани оваа сезона за првпат играат во ПМФЛ, сакаат за првпат да играат во финалето на Купот, за првпат да го освојат пехарот и за првпат да играат во Европа.
Некој ќе каже дека ова се смели амбиции, ако се знае дека до пред три години играше во трета лига, но сега Воска е нешто сосема друго.
Пред нас се безпоштедни два меча, односно повеќе од 180 минути, влогот е голем, посебно ако се знае дека и двете екипи во првенството стравуваат и тоа како за опстанок.
Нема дилеми, денеска во Охрид ќе биде „жешко“, силите ќе ги одмерат две веројатно со ист квалитет екипи, и без разлика на се, реваншот во Ѓорче ќе го даде финалистот.
Како што рековме, мечот започнува во 15 часот, ќе биде пренесуван на МТВ а судиската правда ќе ја дели Крумислав Ѓорѓиов од Штип.