Сонот стана реалност: Македонските ракометарки во Баку заверија пласман на Европското првенство!

573

Македонската женска ракометна репрезентација обезбеди место на Европското првенство 2024 година кое ќе се одржи во Австрија, Унгарија и Швајцарија. „Црвено-жолтите“ по седми пат ќе учестваат на еврошампионатот.

Нашите девојки на претпоследната квалификациска средба ја совладаа селекција на Азербејџан во Баку со 22-37 (12-19) и веќе може да се радуваат на пласманот на континенталното натпреварување. Останува да биде резрешена дилемата на кое место ќе завршат во групата. Останува во Скопје да ставиме победнички печат на европската виза против Литванија.

Прв стрелец беше Садовска со седум погодоци од 12 обиди. Ристовска беше стрелец на шест гола од осум обиди, зад неа беше Коларовска со пет погодоци од седум обиди, четири имаше Младеновска.

Азербејџен пружи отпор до 22. минута по која Македонија го наметна своето темпо, ја стабилизира играта и на одморот замина со предност од 12-19. Претходно „црвено-жолтите“ отворија со 0-4, домаќинот изедначи на 5-5, па 7-7. Но, нашите ракометарки секогаш беа во предност од еден до два гола, се до таа 22. минута кога при противникот успеа да дојде на 11-12 и го загуби здивот.

Второто полувреме беше чиста формалност, Македонија ја имаше контролата на резултатот. На средината на овој период, нашите ракометарки за првпат поведоа со двоцифрени 18-29 со голот на Младеновска. Тука беше крајот на оваа средба.

Македонија и Литванија играат во недела во СЦ „Борис Трајковски“ (18 часот), влезот е слободен, па поддршката ќе биде од големо значење.

ПретходноШкупи со поддршка и соработка во истрагата за местење на натпревари и обложување
СледноФотографија за историја: Македонските ракометарки се чекираа на ЕП 2024!