Поранешниот фудбалер на Динамо Загреб, Дино Дрпиќ сведочеше на судот во Осиек, на судењето на браќата Мамиќ и останатите во аферата со извлекување на пари од загрепскиот клуб.
Измеѓу другото зборуваше и за пропаднатиот трансфер во турскиот Бешикташ поради Мамиќ.
„Пред да одиме со Динамо на зимски подготовки во Турција ми се јави Зоран Мамиќ и ми вели дека во Истанбул ќе ме чекаат многу новинари затоа што подолго време договараат мој трансфер. Ми вели да не се изненадам ако трчаат по мене, затоа што таму ќе биде договорен мојот трансфер во Бешикташ. Додека бевме во Анталија, Здравко Мамиќ од мене побара во тој трансфер да учествува менаџерот Марио Мамиќ и дека треба да платам 30 отсто од сите мои примања.
Мојот тогашен соиграч Томо Шокота во тоа време го повика својот менаџер Зоран Стојадиновиќ, кој долета во Анталија и требаше да ме претставува мене и да ги договори моите услови затоа што претходно управите се договориле околу отштетата.
Ја одбив менаџер да ми биде Мамиќ и следниот ден мојот задник беше на насловните страници на турските весници и така трансферот пропадна. На крајот во Бешикташ отиде Гордон Шинделфелд, а неговиот менаџер беше Марио Мамиќ“, раскажа Дрпиќ.
„Здравко во турските медиуми го презентираше мојот гол задник кој го покажав на навивачите на Хајдук по дербито затоа што ми го навредуваат синот. Од Бешикташ се премислија и трансферот пропадна“, додаде играчот.
„Тогаш социјалните мрежи не беа развиени, па таа фотографија беше интересна за турските медиуми. Сепак, првиот човек на Бешикташ сакаше да го реализира трансферот. Ми рече дека му треба играч како мене, јас му раскажав за фотографијата и се друго, но на крајот трансферот не се случи“, изјави Дрпиќ кој играше уште за Карлсруе, АЕК Атина, Волин, Луц, Ријека и ДПММ од Сингапур каде што ја заврши кариерата.