Двојна титула за Ѓорче Петров: Куп пехарот во рацете на „лавиците“

70

Екипата на ЖРК Ѓорче Петров го освои пехарот во Купот на Македонија во женска конкуренција, откако го совлада ЖРК Чаир со 36-24 (19-14). „Лавиците“ на овој начин дојдоа до двојната круна оваа сезона.

Николовска со седум гола беше прв стрелец, зад неа беа Ризовска со шест гола, додека Коларовска постигна пет погодоци. На другата страна Диневска имаше седум гола.

Избраничките на Симе Симовски ја оправдаа улогата на фаворит, противникот имаше сили од последните десет минути од првото полувреме. Ѓорче Петров со серија од 4-0 поведе со 18-13, а на одморот замина со истата позитива (19-14).

Во продолжение дуелот беше поинаков,  „лавиците“ доминираа во текот на целиот меч, во 48 минута поведоа со двоцифрена разлика од 28-18, по што беше јасно дека овој меч ќе оди во една насока.

За Чаир ова финале останува да биде мотив за во иднина, бидејќи е прво во нивната историја. Што се однесува до Ѓорче Петров после долго време успеа да го подигне пехарот во Купот на Македонија, последен пат тоа се случи во 2009 година.

ПретходноФоден уште во 2. минута носи шампионско водство за Манчестер Сити (ВИДЕО)
СледноВидео од тепачката на Детска лига на ФФМ! (ВИДЕО)