Килијан Мбапе на 30 јуни ќе стане слободен играч. Светските медиуми веќе подолго време пишуваат за неговото доаѓање во Реал Мадрид, а неговата мајка Фајза Ламари, која е и негов агент, одговори на прашањето во кој клуб ќе ја продолжи кариерата. Шпанските медиуми нејзиниот одговор го протолкуваа како речиси сигурно доаѓање на францускиот напаѓач во Мадрид.
Очигледно, единствената непозната во таа приказна е кога Реал ќе објави потпис на петгодишен договор со 25-годишниот напаѓач, кој постигна 256 гола и асистираше на уште 108 во 307 натпревари за Пари Сен Жермен. Ламари беше запрашана каде Мбапе ќе ја продолжи кариерата, а таа кратко одговори: „Мислам дека веќе го знаете тоа“.
Мбапе дојде во ПСЖ во 2018 година за 180 милиони евра од Монако. Иако играше со Лионел Меси и Нејмар, не успеа да ја освои Лигата на шампионите. Тоа не му успеа ниту годинава, ПСЖ беше елиминиран во полуфиналето од Борусија Дортмунд.