ЛШ ФИНАЛЕ: Реал не губи во финале: „Кралевите“ по 15-ти пат на врвот на Европа (ВИДЕО)

268

По рекорден 15-ти пат, Реал (М) е на врвот на Европа! Момците на Карло Анчелоти покажаа дека се мајстори за финални натпревари и дека се вистински „газди“ во најсилното европско натпреварување, Лигата на шампионите.

По само една година пауза, Реал повторно е на врвот на Европа, откако вечерва на „Вембли“ со 2:0 го совлада тимот на Борусија (Д). Иако Германците имаа извонредно прво полувреме, немаа реализација и тоа на крајот им се удри од глава. Реал покажа како се играат финални дуели и ги искористи своите неколку шанси за повторно да го подигне шампионскиот пехар.

Вистинско чудо, како првото полувреме на финалето на Лигата на шампионите заврши без голови. Борусија (Д) го надигра Реал во првиот дел, но не искористи ниту една од најмалку три 100% шанси за погодок. Иако „кралевите“ имаа повеќе од поседот на топката и привидно притискаа кон голот на Кобел, Тибо Куртоа имаше многу мака да ја задржи својата мрежа празна во овие 45. минути. Германците првата 100% шанса ја имаа во 20. минута, кога Адејеми доби една фантастична топка, го помина и Куртоа, но си го затвори аголот и не успеа да погоди за водство.

Три минути подоцна Филкруг ја погоди стативата од голот на Куртоа, а во 28. минута Адејеми повторно шутираше, Куртоа одбрани, а Филкруг не успеа на одбиена топка да постигне гол. Реал скоро и да не успеа посериозно да се закани кон голот на Кобел.

Сепак, Реал почна да се буди во вториот дел, а веќе во 50. минута, Тони Крос од слободен удар можеше да погоди за водство. Одличниот шут, Кобел успеа да го симне од аголот. Борусија (Д) во 63. минута имаше уште една фантастична шанса. Адејеми центрираше, а Филкруг со глава успеа да го погоди голот на Реал, но фантастичниот Куртоа уште еднаш брани.
Голема среќа и за Борусија (Д) во 69. минута. Винисиус ја уфрли топката во шеснаесетникот на Германците, Белингем скокна, го збуни Кобел, а топката отиде веднаш крај стативата. И потоа дојде 74. Минута, кога од петтиот корнер Реал успеа да го отвори резултатот. Дани Карвахал во своето шесто учество во финале на Лигата на шампионите погоди со глава и донесе водство од 1:0 за голема радост на шпанските фанови.

По голот, Реал имаше уште неколку извонредни шанси и за втор гол, но голманот Кобел успеа да ги одбрани сите. И кога се очекуваше налет на Германците, уште една грешка на жолто-црните во дефанзива и гол на Винисиус во 84. минута за 2:0.

На три минути пред крајот Филкруг успеа да го погоди голот на Реал, но по асистенција на помошникот, голот беше поништен поради офсајд.

ПретходноПозната е годишната плата на Мурињо во Фенер, сумата е фантастична за Турција!
СледноНикој ништо не им може: Реал си го врати тронот, Дон Карло испиша историја! (ФОТО)