Очекувано, со оглед на квалитетот на Санта Клара, и посебно по резултатот од првиот меч, вечерва на далечните Азорски острови и Шкупи доживеа елиминација од Европа. Па така ниту еден наш клуб не го дочека ниту август на евро сцената.
Шкупи вечерва загуби од Санта Клара со 2:0, што значи со вкупни 5:0 сосема заслужено Португалците одат натаму.
Веднаш да кажеме дека и покрај поразот, Шкупи не разочара. Чаирчани се бореа во рамките на своите можности, имаа и неколку големи шанси, но сепак подобриот тим оди натаму.
Посебно добро одиграа момците на Гоце Седлоски во второто полувреме, беа и подобри, имаа зицери, но немаше гол.
САНТА КЛАРА “ОТВАРА“ ВО 13 МИНУТА
Очекувано, мечот започна со иницијатива на Санта Клара. Шкупи се обидуваше да се наметне, на моменти тоа и му успеваше, но првите закани кон голот ги имаа Португалците.
Сепак парвиот гол го видовме во таа 13. минута кога Карлос успеа со погодок, со шут со глава, да ја претвори во гол убавата акција на домашните, асистенцијата му се припишува на Линколн.
Шкупи продолжи со својата игра, имаше како што рековме свои моменти, имаше и атаци кон голот. Марко Ѓорѓиевски во 32.минута имаше убава шанса, но голманот Переира го спаси својот гол. Претходно се заканија Цветаноски и Трапаноски.
Уште еднаш се виде колку е силна Санта Клара, речиси секоја акција беше потенцијална опасност по голот на Шкупи. И дојде тој втор гол, одново Линколн асистираше, сега нафрли од корбер, а сега Вилануева со шут со глава успеа да погоди. Во самиот финиш Шкупи имаше супер шанса, Исмали шутираше со глава, но голманот Переира ја одби таа топка која заврши во стативата.
Па така со тие 2:0 се замина па пауза.
ШКУПИ ПОДОБАР ВО ВТОРОТО ПОЛУВРЕМЕ
Второто полувреме започна со четири нови играчи, и двајцата тренери направија по две замени. Во нашиот тим влегоа Чешмеџиев и Маркоски. Сепак бадијала, чаирчани не успеваа да го намалат водството на домашниот тим, на Санта Клара.
Иако очигледна беше желбата на момците на Гоце Седлоски да го покажат својот квалитет, сепак силна, силна е оваа Санта Клара. Во 57. минута Цветаноски имаше голема шанса, но сепак не успеа да постигне погодок.Штета. Шкупи го заслужи тој погодок на овој натпревар. Беше подобар тим во второто полувреме, имаше два зиреци, и тоа преку Цветаноски и Алварез.
Во продолжение играта се смири, домашните повеќе на рутина се обидуваа да ја завршат средбата без да си направат поголеми проблеми.
И тоа беше тоа од овој натпревар. Шкупи е поразен вечерва на Азорските острови, но не разочара.
2.квалификациско коло во КЛ – реванш (прв меч 3:0)
САНТА КЛАРА – ШКУПИ 2:0 (2:0)
Стадион „Сан Мигуел“ во Понта Делгада. Судија: Роб Хенеси (Р. Ирска). Стрелци: Карлос 13., Вилануева 39. (САН). Ж. Картони: Руи Кореира (САН), Исмаили, Шеји, Адем, Сенгор, Маркоски (ШКУ).
САНТА КЛАРА: Переира, Сања, Жоао Алфонсо, Вилануева, Мансур (46. Паоло Енрике), Руи Кореира, Морита (46. Андерсон Карваљо), Линколн (59. Жоао Коста), Карлос (71. Крисан), Руи Коста (72.Боулдини), Патрик.
ШКУПИ: Наумовски, Илјази (62. Ѓурковски), Руватубаје (46. Маркоски), Исмаили, Шеји, Али (86. Абази), Сенгор, Алварез, Трапановски (46. Чешмеџиев), Ѓорѓиевски (71. Зука), Цветаноски.