Мохамед Салах и Ватару Ендо нема да учествуваат на Олимпијадата во Париз. Ова денеска го потврдија извори од екипата на Ливерпул.
Двајцата играчи ќе ги поминат целосните претсезонски тренинзи со Ливерпул, иако претходно, репрезентациите на Египет и Јапонија разговараа за повикување на капитените како еден од тројцата дозволени играчи над 23 години за олимпискиот турнир.
Бидејќи Олимпијадата не е натпреварување кое е под капата на ФИФА, клубовите не се обврзани да ги ослободуваат играчите и по преговорите беше одлучено Салах и Ендо остатокот од летото да го поминат со Ливерпул. Новиот тренер на тимот Арне Слот има намера да го искористи максималниот можен состав пред почетокот на сезоната во Премиер лигата.
„Црвените“ на 23 јули ќе заминат на претсезонска турнеја низ Америка, а првиот пријателски натпревар тимот ќе го одигра против шпански Бетис.