Денеска од 17 часот на “Билјанини Извори“ во Охрид, во реванш меч од 1.квалификациско коло во Лигата на Шампионите, Струга Трим Лум како домаќин го дочекува Слован, шампионот на Словачка. Познато е дека во Братислава на првиот меч беше 4:2 за Слова, па така ако нашиот шампион сака минување во следната фаза во ова натпреварување, ќе мора да победи најмалку со два разлика.
Дека ќе биде тешко, тука нема дискусија. Слован и на првиот меч покажа дека е екстра силна екипа, состав кој знае да одигра на резултат, кој знае кога и како треба. Има искуство во себе.
Од друга страна избаниците на Ќатип Османи на таа средба покажаа и тоа како дека можат да се носат со квалитетни ривали. Од 2:0 го свртеа резултатот на 2:2, тргнаа и по победнички гол,но ете примија два.
Добро е што и покрај тие 4:2 од Братислава во таборот на Струга ТЛ преовладува оптимизам, се верува дека може да се дојде до победа и тоа доволна за пласман во 2.квалификациско коло. Се знае дека во случај да не се успее тогаш Струга ТЛ продолжуваат со своите настапи во Европа ова лето во квалификациите во Лигата на Конференции. Сепак денеска мислите се победнички, потребна е офанзива, потребни се голови во мрежата на Слован.