Денеска во Нион од 14 часот ќе се одржи ждрепка за да се одредат двојките за 3. квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА. Македонија остана со само уште еден претставник во европските купови, шампионот Струга ТЛ, кој во второто коло од третото по ранг европско натпреварување го очекува двомеч со екипата на Пјуник од Ерменија.
Доколку стружани успеат да ја минат оваа пречка, ќе треба да се подготвуваат за третото коло во кое веќе се знаат можните ривали пред денешната ждрепка. Според скратениот список кој го објави УЕФА како можни ривали на Струга ТЛ во 3. квалификациско коло од КЛ се победниците од следните дуели:
ФК Динамо Батуми (Гру) или ФК Дечиќ (Ц. Гора)
ФК Диферданж 03 (Лук) или ФК Ордабаси (Каз)
Викингур Рејкјавик (Исл) или Егнатиа (Алб)
како и екипата на Ларне од С. Ирска, која се наоѓа во оваа група на можни противници на нашиот првак.