Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година, утре во Алмере со почеток од 20. часот ја очекува дуел со Холандија во натпревар од квалификациите за пласман на Европско првенство, кое 2025 година ќе се одржи Словачка.
Нашите млади фудбалери вечерва во 20. часот на стадионот Јанмар, Алмере ќе го одработат последниот официјален тренинг пред утрешниот меч.
Еден од клучните играчи на генерацијата предводена од Драги Канатларовски, Андреј Стојчевски даде свој коментар и видување за претстојните предизвици на Македонија.
„Пред се утре е најбитно сите да бидеме здрави, физички и психички да бидеме подготвени за утрешниот предизвик. Не очекува тежок натпревар против силен противник и ќе мора да бидеме максимално сконцентрирани во текот на сите 90 минути.
Свесни сме за квалитетот со кој располага Холандија, репрезентација која е една од најдобрите во Европа, но свесни сме и за нашиот потенцијал кој треба и се надевам дека ќе го покажеме на утрешниот натпревар. Единствено со многу борба и голема верба во самите нас, можеме да се надеваме на позитивен резултат“, изјави Стојчевски.
Тој верува во подобри резултати, треба да се задржи ритамот, да не се дозволи пад на концентрација.
„Секој натпревар е различен, секој од нас што е дел од оваа репрезентација вклучувајќи ме и мене го дал максимумот и ќе продолжи да го дава, без разлика против кого играме. Успеавме да оствариме позитивни резултати на натпревари на кои се веруваше дека тоа не можеме да го направиме.
Стартувавме многу добро во овие квалификации, но не успеавме да продолжиме во ист ритам. Многу често ни се случуваше пад на концентрација во клучни моменти, нешто што на крајот не чинеше многу бодови.
Продолжуваме понатаму, нема предавање, пред нас се нови натпревари од квалификациите. Очекувам од сите нас максимална жртва, многу борба и трчање, а се со цел да се вратиме на победничките патеки како на почетокот на квалификациите“.
Стојчевски потенцира дека мора да се максимумот кога се ихра за националниот дрес.
„Секој треба да биде подготвен да го даде максимумот кога игра за Македонија, бидејќи не секој ја имаа таа прилика да бидел дел од репрезентацијата. Верувам и се надевам дека во следните четири меча ќе освоиме што е можно повеќе бодови, за што подобар пласман“.
Младата репрезентација во септемврискиот период ќе одигра уште еден натпревар од квалификациите на гостински терен против селекцијата на Гибралтар.