Алисон, незаменливиот голман на Ливерпул во последните шест години и клучен член на тимот кој освои се, пред денешниот прв натпревар против Милан од редизајнирана Лига на шампиони, се побуни поради зголемениот број на натпревари на фудбалерите.
Новиот формат на Лигата на шампионите го искористија многу врвни фудбалери за да протестираат поради тоа што нови натпревари се туркаат во и онака преполниот календар. Поточно, во новата сезона од Лигата на шампионите, наместо 125, ќе се одиграат 189 натпревари. За фудбалерите во основниот, лигашки дел од натпреварувањето, тоа значи дека наместо досегашните шест, сега играат најмалку осум натпревари.
Се разбира, тоа е само дел од напорниот распоред. Алисон и останатите играчи на англиските клубови покрај домашното првенство и ФА купот го имаат и Лига купот. На тоа мора да се додадат и натпреварите на клупското СП за 12 европски клубови, кои ја играат и неговата нова верзија.
„Тоа е неверојатно за навивачите. Повеќе натпревари, повеќе големи натпревари. За нас играчите, секогаш е добра идеја да додадете некои натпревари во распоредот што не е зафатен… Јас сум малку ироничен!” рече тој и продолжи:
„Никој не не прашува нас играчите што мислиме за додавање на повеќе игри, па можеби нашето мислење не е важно. Но, секој знае што мислиме за тоа. Сите се уморни од тоа. Ова не е прашање на кое треба само да одговорам. Треба да седнеме заедно и да ги слушаме сите страни затоа што разбираме дека има медиуми и телевизија, страната на УЕФА и ФИФА, Премиер лигата, домашните натпреварувања…
Ние не сме глупави. Разбираме дека луѓето сакаат повеќе натпревари. Но, би било разумно сите, вклучително и играчите, да се сретнат и да се слушаат. Многу играчи веќе зборуваа за тоа. Тие само треба да не слушаат“.