Фудбалерите на Црвена Звезда ја декласираа екипата на Партизан со 0:4 во првото „вечно дерби“ во српскиот шампионат. „Црвено-белите“ влегоа во овој меч како фаворити за освојувањето на трите бода и тоа и го докажаа на теренот.
Резултатот го отвори Шериф Ндиаје во 24-тата минута со погодок од пенал. Во судиското надополнување на првото полувреме Силас го зголеми водството на Звезда и со тој резултат екипите заминаа на пауза. Во вториот дел гостите продолжија со одличната игра и во 55-тата минута Ндиаје го постигна својот втор гол на натпреварот за 0:3. Десет минути подоцна Ндиаје постигна уште еден погодок за комплетирање на неговиот хет-трик и за целосен потоп на Партизан.
Црвена Звезда го зазема првото место на табелата со освоени 22 бода, додека пак Партизан се наоѓа на 9-тото место со само 11 освоени бодови и четири натпревари по ред без триумф.