Манчестер Јунајтед летово доста го промени играчкиот кадар, а меѓу другите пристигнаа и две засилувања од Баерн. Очигледно Јунајтед и Баерн имаат добра соработка бидејќи „црвените ѓаволи“ сакаат да доведат уште тројца фудбалери од германскиот гигант.
И покрај масовните летни засилувања, „црвените ѓаволи“ прилично лошо ја отворија новата сезона, поради што челниците на клубот размислуваат да потрошат сериозна сума на пари за нови играчи во зима.
Јунајтед летово имаше добра соработка со Баерн бидејќи успеа да ги доведе Матијс де Лихт и Мазрауи, а се чини дека истата врска со Баварците се обидува да ја постигне и на “Олд Трафорд“ во зима.
Англиските медиуми пишуваат дека челниците на Јунајтед се подготвени да го „отворат ќесето“ во јануари кога се засилувањата во прашање бидејќи е јасно дека сегашниот состав не ветува премногу.
Иако летото потроши над 200 милиони евра, се чини дека Манчестер Јунајтед само подготвува вистински спектакл во јануари и следното лето кога е во прашање пазарот.
„Мирор“ наведува дека Јунајтед будно ги следи тројцата играчи на Баерн што сака да ги доведе во наредниот период, а акцијата ќе ја започне веќе во зимскиот преоден рок.
„Црвените ѓаволи“ се насочени кон Леон Горецка, Лерој Сане и Алфонсо Дејвис, кои се подготвени да ги напуштат Баварците на крајот од сезоната, а можеби и порано.
Горецка не игра колку што сака во Баерн бидејќи Компани им верува на другите играчи, а истата ситуација важи и за Лерој Сане.
Англичаните пишуваат дека Манчестер Јунајтед веќе во јануари ќе се обиде да ги ангажира Горецка и Сане и дека е подготвен повторно да потроши над 50 милиони евра за засилување на тимот.
Трансферите на ова дуо не се невозможна мисија со оглед на тоа што Компани не смета сериозно на нив, додека кај Дејвис ситуацијата е сосема поинаква.
Канаѓанецот е стандарден, но одбива да го продолжи договорот кој му истекува на крајот од сезоната. Јунајтед веќе го контактирал Дејвис за да ја разгледа опцијата тој да дојде на Олд Трафорд следното лето како слободен играч.