Ракометарите од местото каде што се најсилни ја стартуваат мисијата – ЕУРО 2026!

147

Во исчекување на настапот на Светското првенство 2025, најуспешниот македонски национален тим вечерва почнува нова битка за пласман на ново големо натпреварување. Селекторот, Кирил Лазаров ја започнуваат мисијата пласман на – Европското првенство 2026 година, кое ќе се одржи во Норвешка, Данска и Шведска. Македонија е во група со Естонија, Литванија и Словенија, а првите две места водат на континенталното натпреварување.

Новиот предизвик, нашите ракометари го почнуваат онаму каде што се најсилни – пред своите фанови. Во СЦ „Борис Трајковски“ (20 часот) гостува селекцијата на Естонија. Противник кој треба да се добие, но како што вели Лазаров, тоа мора да биде со борба и со внимателност. Тој со момците имаше три дена за подготовка за оваа средба.

„Искуството како играч и тренер ми кажува дека секогаш треба да бидеме внимателни. Имаме доста материјали од двете селекции, јас сум добро подготвен. Имаме доста инфоормации. Ќе видиме како ќе се однесуваат нашите ривали. Не бегаме од фаворитската улога, мислам дека ќе биде многу потешко против Литванија, сериозна селекција, репрезентација со традиција. Очекувам тежок и неизвесен натпревар во Вилнус”, изјави селекторот, Кирил Лазаров.

На оваа средба, Лазаров нема да смета на Никола Митревски и Филип Талески, поради повреда отпадна Томислав Јагурновски, а од претходно веќе беше познато дека ќе ги немаме браќата Никола и Ненад Костески, кога станува збор за стандардните имиња во националниот тим.

Верба во овој млад тим има и еден од најискусните, Филип Кузмановски.

„Нема да потцениме ниту еден противник. За сите ќе се подготвуиме максимално. Ја играме првата средба дома, очекувам публиката да дојде и да не бодри во голем број. Одиме чекор по чекор, ние сме млдата екипа, играчите играат во своите клубови и имамем доволно искуство кое треба да се пренесе во репрезентацијата и се надевам дека Македонија ќе биде повторно на едно големо првенство“, рече Кузмановски.

Билетите за оваа средба се пуштени во продажба и истите можат да се набават на повеќе места, меѓу кои и мктикетс по цена од 200 и 300 денари.

Македонија оди по деветото учество на Европските првенства, осмо во низа.

ПретходноДодека Анчелоти се правдаше за поразот, пред стадионот настана гужва поради неговиот наслендик (ВИДЕО)
СледноПознат е составот: Лазаров одбра за Естонија!