Митрашиновиќ: Посакуваме поддршка од трибините, се надевам дека ќе возвратиме со одлична игра

38

Анџелика Митрашиновиќ е една од кошаркарките од кои се очекува да повлече на денешниот дуел против Украина (18 часот) во квалификациите за Евробаскетот во 2025 година, како и против Португалија, исто во Скопје. Македонија има два порази на стартот, ја чека првата радост во својата група.

„Нов прозорец, нова авантура за нас. Уживање е да си биде дел од националниот тим, и да се бранат боите на нашата нација. Нė очекуваат два натпревари на домашен терен со Украина и Португалија, натпревари во кои нė очекува голема возбуда“, вели Митрашновиќ која додава: 

„Сакам да одиме чекор по чекор… Прво ни доаѓа репрезентацијата на Украина, која, иако во претходниот циклус имаше два порази, добро знаеме за каква екипа се работи. Тим во кој овојпат во составот ќе биде и Алина Јагупова, една од најдобрите европски кошаркарки“.

Нашите најдобри кошаркарки посакуваат поддршка од трибините во СРЦ „Кале“, влезот е слободен.

„Нешто најважно за нас ќе биде поддршката од трибините. Затоа повикувам, ги поканувам сите наши симпатизери, љубителите на женската кошарка, во четврток да дојдат во СРЦ ‘Кале’, и да ни ја дадат истата. Се надевам дека ќе возвратиме со одлична игра во која ќе уживаат, и искрено верувам, дека на крајот ќе излеземе со позитивен резултат од овој натпревар“.

ПретходноСРЕЌНИ ВЛТ ВЕСТИ: М.Б. од Дебар го освои СУПЕР МИЛИОНЕРОТ вреден 7.547.083
СледноИнзаги: Можевме да постигнеме повеќе голови!