ФИФПРО Европа и УЕФА склучија меморандум за разбирање што го отвора патот за нови можности за вклучување на фудбалерите во управувањето со европскиот фудбал. Договорот, потпишан од претседателот на УЕФА, Александар Чеферин и претседателот на ФИФПРО Европа, Дејвид Териер во Париз, предвидува конкретни мерки за вклучување на фудбалерите во процесите на донесување одлуки на највисоко ниво.
Со овој договор, ФИФПРО Европа ќе има претставник во Извршниот комитет на УЕФА од мај 2025 година, што ќе означува нова етапа во посветеноста на фудбалерите, обезбедувајќи им невидена видливост и можност да учествуваат во секоја одлука што влијае на нивните работни услови и нивното здравје.
Исто така, овој потег ќе им овозможи на играчите да влијаат на какви било идни реформи на натпреварите за да ги заштитат нивните интереси и да го следат оптоварувањето на теренот.
Меморандумот за разбирање предвидува формирање на Консултативен форум за професионални играчи, кој редовно ќе се состанува за да ги реши клучните прашања што ги засегаат професионалците во европскиот фудбал. Форумот ќе започне со работа веќе следниот месец и ќе бара решенија за колективните проблеми како што се обемот на работа на фудбалерите, нивната безбедност и здравје на теренот и условите за игра.
Договорот важи за три години и ќе им даде на играчите и синдикатите поголемо влијание врз клучните одлуки како што се календарот за натпреварување, условите за игра и други важни аспекти поврзани со здравјето и безбедноста на играчите.
Дополнително, тој создава основа за заеднички напори меѓу FIFPRO Европа и УЕФА за развој на женскиот фудбал, вклучително и воведување минимални стандарди и подобрување на работните услови за жените во спортот.