Македонските ракометари поразени во Литванија (ФОТО)

485
Фото: rankinis.lt

Македонската машка ракометна репрезентација го запиша првиот пораз во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство 2026 година, откако на гостувањето кај Литванија беше поразена со 29-27. Ова е трета победа на Литванците во пресметките во официјалните мечеви за пласман на едно големо натпреврување.

И денеска нашите ракометари не блескаа, а голем проблем им напради противничкиот голман Рашимас, кој запиша 15 одбрани. Кај нас капитенот Филип Кузмановски имаше осум гола од десет обиди, додека Мартин Серафимов постигна пет гола. Марко Кизиќ имаше 10 одбрани, Галевски една.

Прво полувреме со големи падови во нашите редови и дури седум технички грешки од кои пет соминителни пробивања. Македонија поведе со 2-1 во третата минута, а потоа остана без реализација повеќе од шест минути. На другата страна противникот казни и поведе со 4-2 (имаше и промашен пенал). Велковски успеа да намали на 4-3, но потоа следеа нови проблеми за избраниците на Кирил Лазаров. Литванија дојде на плус три, а потоа во 18-та минута на контото имаше и позитива од четири гола (9-5).

Лазаров повика тајм-аут, беше потреба цврста одбрана и добар напад. За три минути „црвено-жолтите“ креираа серија од 3-0 со головите на Кузмановски и Пешевски, но не искористи напад за израмнување (9-8). Нешто подоцна Литванија успеа да дојде на плус три (12-9). Две одбрани на Кизиќ и реализации на Пешевски и Петар Атанасијевиќ донесоа 13-12 на одморот.

Со два гола на Кузмановски, еден на Серафимов и две одбрани на Кизиќ, Македонија после долго време го врати водството на дуелот, во 36-та минута резултатот беше 14-15. Разликата можеше да биде и плус два, но исто како и противникот направивме грешки, едно пробивање и еден нереализиран контранапад.

Не искористивме предноста од играч повеќе на теренот, главната причина беше голманот на Литванија, Рашимас, имаше две важни интервенции. Кизиќ запиша нова одбрана, а со голот на Карасманакис, Македонија на средината на вториот дел имаше минимални 18-19. Нашите момци при 19-20 не се снајдоа добро во нападот за дојдат до плус два, му дозволија на противникот да поведе. Велковски доби исклучување, а Литванија имаше 22-21 на стартот на 50-та минута.

Наместо гол за нас, Македонија направи катастрофални грешки и не искористи напад за поинаков тек на настаните. Литванија ја казни нашата збунетост и поведе со 25-23 на пет минути до крајот. При нови плус два 26-24, Литванија во 56. минута остана со играч помалку, и тука нашите ракометари не се снајдоа добро. Негативата од два гола остана и на минута и пол до крајот (28-26). Кузмановски реализираше седмерец за 28-27, беше потреба одбрана. Литванија ја задржуваше топката и успеа да реализира за сигурна победа.

Македонија и натаму е главен кандидат за пласман на ЕП 2026 година, има реванш во Скопје со истата репрезентација, а до тогаш да се надеваме дека тимот ќе биде комплетен.

ПретходноДимитријевиќ повторно го полнеше кошот, Армани Милано победи
СледноЕстонија промаши пенал за реми против Словенија