СпортСпорт во Клаипеда, Марија Ковачева
Литванија и овој пат ќе влезе како голем фаворит во пресметката со Македонија во реванш квалификацискиот меч за пласман на Европското првенство 2025 година. Натпреварот се игра во Клаипеда со почеток во 18:30 часот по македонско време, а нашите момци имаат последна шанса да дојдат до триумф кој ќе значи и продолжување на сонот наречен Европско првенство.
Сите во составот веруваат дека можат да одиграат поинаку од првиот дуел во Скопје. Присуството на Ненад Димитријевиќ, но и веќе отворените карти на двата тима менуваат многу работи. Сега веќе е јасно што може да се очекува на теренот.
„Секако дека имаме свои шанси на овој натпревар, во Скопје дојдовме на девет разлика и покрај тоа што негативата беше голема. Овој натпревар ќе го почнеме физички посилно на граница на фаул како што играат тие на првиот меч. Практично тука не изненадија во првата четвртина, после пробавме да ја смениме нашата игра и да им парираме, тоа го правевме колку што можевме.
Со доаѓањето на Нено, мислам дека и тие ќе ја променат својата одбрана, ќе гледаме брзо да се прилагодиме на тоа и да одиграме доста појако во нападот и во одбраната. Доколку им парираме физички ќе имаме еднакви шанси да победиме“, ни изјави еден од поискусните кошаркари во нашиот состав, Стојан Ѓуроски.
Долгиот пат придонесе за дополнителен умор, но кога се игра за Македонија се заборава се.
„Малку сме изморени од патот, се обидуваме да се вратиме 100%, но кога доаѓа моментот да се игра за националниот тим сето тоа се заборава и нормано ќе собереме сили и ќе го дадеме максимумот“.
Иако според најавите капацитетот на трибините од 6.000 места ќе биде исполнет, сепак не ги демотивиран нашите кошаркари.
„Не не плаши фактот дека ќе играме пред полни трибини, за разлика од Балканот тука атмосферата е поинаква. Ќе биде мотивација да одиграме уште подобро“.