Работнички им се врати на победите после поразот од Куманово во минатото коло. Најтрофејниот кошаркарски колектив на домашен терен по драма славеше против Гостивар со 77-76 во меч од 10-то коло во Првата лига.
За избраниците на Горн Самарџиев ова беше седма победа сезонава која ги носи на делба на второто место на табелата заедно со Пелистер и МЗТ Скопје. На другата страна Гостивар го запиша седмиот пораз и останува во долниот дел од табелата.
Полутак со 21 поен и Дубински со 19 поени беа најефикасни кај победникот, кој благодарение на двете слободни фрлања на Робев осигура победа. На другата страна Хамптон имаше 21 поен и 13 скока.
Гостите ја добија првата четвртина со 12-18. По 12-21 на стартот на вториот дел почна резултатската нишалка, домаќинот успеа да намали на 21-23, а потоа со серија од 9-0 дојде до водство од 30-25. На одморот резултатот беше 38-35 во корист на Работнички.
По одморот кошаркарите на Работнички го наметнаа своето темпо, а тоа им донесе највисока позитива од 13 поени (48-35).
Гостивар не се откажа во ниту еден момент, во самиот финиш успеа да ја смали негативата од 12 поени на 71-65 и да создаде притисок во редовите на противникот. Ова беше доволен знак за да Самарџиев повика тајм-аут.
Дубински постигна важна тројка за 74-65, но Гостивар продолжи да притиска. Со четири поени во низа на 24 секунди до крајот дојде на два поени негатива (75-73). Работнички не искористи напад за печат на победата, но не се снајде ниту Гостивар. Робев застана на линијата за слободни фрлања, реализираше за 77-73 на седум секунди до крајот. На другата страна Гостивар постигна тројка со звукот на сирената за крајни 77-76.