Пелистер стана вториот тим кој успеал да го порази ТФТ од стартот на сезоната!

89

Дербито на 11 коло во Првата лига кое се одигра во многу ран термин му припадна на Пелистер кој славеше против со ТФТ со 91-82. За тимот од Тафталиџе ова е само втор пораз од стартот на сезоната, претходно загуби од Чари. На другата страна битолчани го запишаа осмиот триумф, имаат и три порази.

Во првото полувреме видовме изедначена битка на теренот, водството се менуваше, со тоа што Пелистер на одморот замина со минимална предност од три поени (39-36).

Битолчани одиграа добро во третата четвртина која ја добија со 30-17 и направија разлика. Со серија од 5-0 поведоа со двоцифрени 52-42, а потоа во 27-та минута имаа плус 16 (62-46). Избраниците на Александар Петровиќ не застанаа и на стартот на последните десет минути имаа највисоки 69-53. И се чинеше дека тука е крајот.

ТФТ се обиде да се врати во игра за победа, иако беше тешко, сепак не се откажа. При последната негатив од 18 поени (74-56) гостите од Скопје со серија од 15-2 спуштија на само минус пет (79-74) на три и пол минути до крајот. Агонијата во таборот на Пелистер ја прекина Бојиќ за 81-74. ТФТ продолжи да го притиска домаќинот, драмата стана уште поголема кога Зафиров намали на 83-78 во 38-та минута. ТФТ чекаше кикс на битолчани за да се доближи посериозно, но Бојиќ беше незадржлив под обрачите. Во самиот финиш кошаркарите на Пелистер беа постабилни и на крајот успеаја да ги освојат бодовите.

Бојиќ мечот го заврши со 23 поени, зад него беше Стајиќ со 16 поени и 9 асистенции. На другата страна Хатон имаше 18 поени и 13 скока, додека Стојаноски 16 поени.

Претходно„Баделки“ во хуманитарна мисија пред празниците!
СледноВечерва околу полноќ: Фјури бара одмазда против Усик!