Навистина чудни работи се случуваат во мак – фудбалот, пред се тука мислиме на клубовите од ПМФЛ, се разбира не сите.
Имено како може да се објасни фактот дека за две недели во текот на оваа зимска пауза дури четири наши прволигашки клубови направија тренерски смени.
Прво започна Беса, која место В.Д. тренерот Бурим Садики, го назначи Бобан Бабунски. Логично решение според многумина, но пред неколку дена шок. И официјално Беса преку своите социјални мрежи информира дека соработката со Бабунски е прекината и дека на 10 јануари подготовките ќе ги започне друг тренер а не Бабунски.
Ова веројатно е првпат во историјата во ПМФЛ да се случи вакв нешто. Еден тренер да добие отказ а не само што не го водел тимот на натпревар, туку не одржал ниту еден тренинг.
Каде ли само “пукна“ на релација Беса – Бабунски?
Потоа на ред дојде Брера. Струмичани и Горазд Михаилов заеднички ја раскинаа соработката, барем така е официјално кажано и сега сите сме во очекување кој ќе биде третиот тренер на Брера оваа сезона. Познато е дека на стартот од сезоната, во првите неколку кола тимот го водеше Бојан Круљ.
Пелистер исто така се одлучи на тренерска смена. Влатко Костов и битолчани ја раскинаа соработката, а старо – нов тренер на Пелистер е Срѓан Захариевски кој оваа сезона го водеше и Вардар, а претходно беше тренер во Воска и Струга ТЛ.
Тој по неколку години се врати во Битола како тренер.
И споменатата Воска направи смена на клуата. Место Сеит Крека, кој сосема коректно го водеше тимот од Охрид со оглед на можностите, раководството на клубот го именува Турчинот Сафет Ислар за нов стратег. Секако дека Ислар е решение на новиот газда, новиот спонзор на клубот.
Во текот на сезоната да потсетиме дека смени на тренерски клупи направија и Вардар, Гостивар и Шкупи, значи досега седум клубови имаа тренерски смени од август па наваму.
Од друга страна, барем засега, само пет клубови се со исти тренери од стартот на сезоната до сега.
Тоа се Ќатип Османи (Струга ТЛ), Горан Станиќ (Работнички), Јетон Беќири (Шкендија), Александар Васоски (Силекс) и Ѓорѓи Мојсов (Тиквеш).