Холандија ќе биде поинаква приказна од Унгарија. Вториот противник на македонската ракометна репрезентација на Светското првенство игра поинаков ракомет. Нашите момци добро ги знаат добрите страни, на крилата на македонските фанови посакуваат да прикажат уште една партија за паметење.
„Максимално сме фокусираме на Холандија, мечот против Унгарија го оставаме зад себе. Максимално сме мотивирани, би било жалосно да не сме, кога имаме поддршка од толкав број на навивачи, најавите се дека ќе дојдат уште повеќе. Ќе излеземе на терен со ладни глави, максимално мотивирани и верувам дека ќе стигнеме до добар резултат.
Холандија е анализирана од претходно. Играат поинаков ракомет, може да се каже дека многу се побрзи, имаат одлични индивидуалци, ќе биде сосема различен натпревар. Ние сме подготвени, имаме свои шанси против нив“, изјави Жарко Пешевски.
Пред две години Македонија го немаше искуството кое го има денеска. Младите ракометари сега знаат што да значи да се биде на големата сцена, па оттука Пешевски очекува поинаков меч.
„Во Краков беше една друга репрезентација, многу од овие играчи што се тука, тогаш беа на своите почетоци, сега сме поискусна репрезентација. Ќе решаваат нијанси, тој што ќе направи помалку грешки ќе го добие мечот“.