Кадетската репрезентативка на Македонија, Михаела Алексовска го дополни одличниот настап на нашиот тим на ФИБА „Челенџерот“ што се одржа во Тбилиси.
Нашата селекција убедливо го освои првото место, а Алексовска со своите настапи го привлече вниманието врз себе. Со 25.8 поени по натпревар, таа беше најдобар стрелец на турнирот во Грузија, а земајќи ги предвид сите Челинџери кои се одржаа во овој период, заврши како второпласирана на листата на стрелците.
Алексовска, која е кошаркарка на Крива Паланка, заврши и на шестото место на листата на кошаркарки со најдобар индекс, со 20,3 по натпревар. Високо во оваа конкуренција, на 11. позиција, се најде уште една македонска репрезентативка – Марија Николов.
Оваа наша кошаркарка, од друга страна е прв „крадец“, а четири од петте во ова категорија на најдобри се Македонки.
Сето ова се должи на одличната игра во одбрана бидејќи нашата селекција имаше вкупно 139 освоени топки или по безмалку 35 на натпревар. Со тоа беше убедливо на првото место во оваа статистичка категорија, сметајќи ги сите „Челенџери“ што се одржуваа во овој период, со 44 повеќе од второпласираната Шпанија.