Македонија вечерва против Франција беше поразена со 25:32. И покрај поразот нашите ракометари одиграа квалитетно, не се исплашија од силниот противник и едноставно прикажаа игра во рамките на своите можности, ако се знае дека ова беше шести меч на ова СП.
По средбата нашиот селектор истакна дека е задоволен од тоа што го виде на теренот:
„Треба да бидеме задоволни. Јас очекував тежок меч, се работи за Франција. Воопшто не не потценија, мислам дека одиграа со 90 насто од своите сили. Кај нас се покажа она неискуство. Мислам дека одигравме квалитетен натпревар и тоа во еден страшен ритам. Ова е големо искуство за нашите играчи кога се игра против една ваква Франција. Јас реков и претходно. Ние имае одлични работи, предности, но имаме и маани. Голема екипа како Франција знае како да ги открие вашите маани. Жал ми за трите промашени пенали. Ова беше шести меч, и да играш шести меч против Франција, тоа е тешко. Треба да бидеме задоволни. Можеме да жалиме за многу работи. Во еден момент помисливме дека можеме. Ја гледавме табелата, ги броевме бодовите, одземавме од Унгарија, додававме на Македонија. И тука е таа средба со Холандија каде во нормални услови би биле во некој егал“ посочи нашиот селектор и продолжи со својата изјава по мечот со Франција:
„Ќе повторам, ова е едно големо искуство за сите нас, пред се за младите ракометари, еден добар турнир, треба да биде задоволни и треба да научиме доста лекции. Тие се носеа со едни вака големи ракометари, големи ведети. Ние доаѓаме од една мала Македонија и од нашата лига. На крај да им честитам на сите играчи, на стручниот штаб, треба да бидеме задоволни и со мала горчина дека можевме и повеќе. Но, треба да верувате во тие работи, а ние не верувавме доволно. Сосема за крај поздрав до цела македонска јавност и благодарност за целокупната поддршка во текот на СП“ заврши Лазаров.