Македонската ракометна репрезентација во март ќе продолжи со битките за пласман на ново големо натпреварување, овој пат за Европското првенство 2026 година. Противник на избраниците на Кирил Лазаров е фаворитот во групата, репрезентацијата на Словенија.
За овој двомеч, Словенците нема да може да сметаат на голманот Клемен Ферлин од Кјелце, кој го повреди коленото на првиот натпревар после паузата од Лигата на шампионите. Засега информациите велат дека тој ќе биде надвор од терените од четири до шест недели, што пак е само потврда дека нема да биде на голот на својата репрезентација.
Македонија е домаќин на првата средба во рамките на квалификациите за ЕП 2026, истата се игра на 12. март во Скопје, додека реваншот е четири дена подоцна во Копер.
Покрај Ферлин во составот на Словенија нема да биде ракометарот на Пелистер, Нејц Цехте кој се повреди на СП, како и Рок Овничек.
Македонија по првите две кола има победа против Естонија и пораз од Литванија.