Алкалоид во сабота (18 часот) на домашен терен, во салата „Автокоманда“ го пречекува Бриксен во реванш осминафиналниот натпревар во рамките на ЕХФ Европскиот Куп. За тренерот Кирил Лазаров и неговите момци, четвртфиналето веќе е достижно, бидејќи на гостински терен славеа со 12 гола разлика (22-44).
Иако позитивата е голема сепак Лазаров од своите момци ќе го бара истиот пристап на дуелот.
„За мене неочекувано во овој период од годината да извојуваме убедлива победа против тим од Италија, знаеме дека се во подем и на репрезентативен и на клипски план. Одигравме квалитетен и комплетен натпревар, ни одеше се од рака. Резултатот не е реален, се одлепивме во последните десет минути. Нема да ги потцениме и во Скопје, иако сме поквалитетен противник од нив. Момците одиграа одлично, ни следува реванш, сакам и очекувам да победиме поради рејтингот за нас како клуб. Добро се подготивме и спремни ќе го пречекаме мечот“, изјави тренерот Кирил Лазаров.
Веќе во понеделник е дербито на гости кај Пелистер, но тоа не значи дека тренерот на Алкалоид ќе менува драстично во составот. Ќе почне со најсилен состав, а потоа ќе носи одлуку во зависност од текот на мечот.
„Искуството ми кажува дека треба да фокусираме на секој следен противник. Предизвикот ќе го прифатиме, знаеме дека мечот со Пелистер е важен, се уште немам одлучено како ќе настапиме против Бриксен, како ќе не води натпреварот така ќе одлучиме. Ќе бидеме со мислите во Битола, но прво даа ја завршиме домашната задача во сабота. Секако ја почнуваме со најдобриот состав“, коментира Лазров.