Талин повторно кобен: За Македонија заврши сонот – Европско првенство (ФОТО)

363

Македонската кошаркарска репрезентација со пораз се враќа од гостувањето во Талин, откако загуби од Естонија со убедливи 84-65 (22-17, 16-22, 20-11, 26-15) во рамките на претпоследниот квалификациски меч за пласман на Европското првенство 2025 година. Овој пораз значи крај на сонот наречен кам-бек на европската карта после 10 години. Следното Европско првенство ќе биде во 2029 година, Македонија последен пат играше во 2015 година.

Од нашата група вечерва пласманот го заверија Естонија и Литванија, Полска има директно место бидејќи е еден од домаќините.

Она што видовме во Талин е дека во овој момент освен Ненад Димитријевиќ и Ти-Џеј Шортс, Македонија нема други кошаркари кои би можеле да повлечат и да погодат кога ќе биде потребно, за разлика од противникот кој има состав кој може да одговори во секое време. Евролигашкиот тандем постигна 41 поен, првиот 20, додека вториот 21 поен. Маслинко запиша 15 поени и 7 скока.

Естонија мечот го отвори со 9-2, на другата страна првите осум поени за Македонија беа дело на Ненад Димитријевиќ. Во шестата минута беше 11-8, па 13-10 со првите поени на Ти-Џеј Шортс. Домаќинот беше мотивиран, дојде на нови плус 8 (18-10). Проблем беше и критериумот кој го наметнаа судиите, им дозволија на Естонците да бидат груби. После првите 10. минути беше 22-17.

По само две минути игра во следниот период, Македонија на „крилата“ на Шортс и неговите 9 поени поени во 14. минута го запиша првото водство на мечот (24-26). Ова беше период во кој домаќинот влезе во поентерска криза, но истата ја заврши со две тројки во низа за 30-26. Димитријевиќ и Маслинко вратија на ист начин за 30-32. Двајцата играчи во продолжение со своите поени ја одржуваа минималната позитива, Нено зголеми на 34-37. Нашиот проблем беше доминацијата на Естонија во висина и нашите промашени слободни фрлања. На одморот резултатот беше 38-39.

Исто како во Скопје, Естонија одигра добро во третата четвртина ја доби со 20-11. Со две тројки во една минута домаќинот поведе со 44-39. Шортс и Маслинко (повторно не беше 100% од линијата за слободни фрлања) намалија на 44-42. Имавме проблем со реализација, останатите играчи не ги користеа отворените шутеви. Димитријевиќ во 24. минута доближи на 50-47, но не беше доволно. Естонија отиде на плус 10 пред крајот на овој период (58-48), додека Македонија мака мачеше и во напад и во одбрана.

И на стартот на последната четвртина Естонија поведе со двоцифрени (60-50). Играта не ветуваше дека Македонија може да стори нешто повеќе, со оглед на тоа дека Нено и Шортс имаа многу малку помош од останатите кошаркари. Во 34. минута Јончевски повика тајм-аут после 66-44, ништо не се промени. Македонија се распадна, негативата беше 70-56. Тука беше и крајот на оваа средба, „црвено-жолтите“ не успеаја да приредат сензација.

Последниот квалификациски меч, Македонија го игра во понеделник против Полска во „Кале“, билетите се пуштени во продажба по цена од 300 денари.

ПретходноИ тоа го има во Ц.Звезда: Кога се поставува незгодно прашање тогаш и “ножиците“ играат!
СледноЈончевски: Промашивме многу отворени шутеви, Естонија казни!