Македонската фудбалска репрезентација полека, и во мир се подготвува за она што следува. А тоа е дуелот во Вадуц, против репрезентацијата на Лихтенштајн во рамките од Мундијалските квалификации. Премиерниот дуел од оваа кампања се игра в сабота од 15:00 часот. Нашиот национален тим заминува утре попладне.
Шокот во кој што се наоѓа целата наша нација, од трагедијата која што се случи во Кочани, секако допира и до нашите репрезентативци кои колку и да сакаат да се изолираат од сето ова, сепак, далеку од тоа дека можат да останат недопрени од оваа трагедија.
Особено, Јован Манев кој е токму од Кочани. Дефанзивецот собра сила и излезе пред македонската јавност да каже збор два иако во моментов ништо не ја намалку болката.
„Ова се многу тешки денови и за мене и за сите нас. Сите загубивме по некој познаник, близок во оваа трагедија. Но ја знам, дека сите тие би сакале да продолжиме, да бидеме овде, да се бориме за нашата земја. За дресот на нашата репрезентација. Никогаш нема да бидат заборавени, и во нивна чест ќе изгинеме на терен за да победиме. Ова е ситуација во која што треба да покажеме карактер, сплотеност и да постигнеме резултат“ – изјави Јован Манев.