Поранешниот телохранител на Диего Марадона, Хулио Корија, е уапсен поради наводно давање лажно сведочење на судењето на седуммина здравствени работници обвинети за криминална небрежност при медицинската нега на починатиот легендарен фудбалер.
Марадона почина на 25 ноември 2020 година на 60-годишна возраст додека се опоравуваше дома по операцијата на мозокот поради згрутчување на крвта. Во меѓувреме, тој се бореше со својата зависност од дрога и алкохол во последните децении од неговиот земен живот.
Корија ја напушти судницата во предградието на Буенос Аирес, Сан Исидро со лисици на рацете, откако судиите донесоа одлука во корист на тврдењето на обвинителството дека лажел под заклетва и извршил лажно сведочење.
Телохранителот бил присутен во куќата во која загина Марадона. Тој се обидел да го оживее со реанимација уста на уста, според доказите пред судот. Телохранителот во судницата посочи дека не разговарал со личниот лекар на Марадона, Леополдо Луке, кој исто така е еден од обвинетите.
Сепак, истрагата откри бројни СМС пораки меѓу двајцата пред и по смртта на Марадона. Така, обвинителството донело одлука да го обвини Корија за „противречности и пропусти“ во неговото сведочење, по што побарало негово апсење.
Според аргентинскиот закон, лажното сведочење може да резултира со затворска казна до десет години.
Обвинетите за смртта на Марадона ризикуваат да бидат зад решетки во период од 8 до 25 години. Истрагата досега заклучи дека фудбалската легенда е оставен на судбината од медицинските работници кои го подложиле на „продолжен, мачен период“ пред смртта.
Речиси 120 сведоци се очекува да дадат исказ на долго одложуваното судење, кое се очекува да трае до почетокот на летово.