Второто коло откако продолжи домашниот кошаркарски шампионат го одбележа инцидентот помеѓу екипите на Вардар и Шкупи. „Црвено – црните“ дојда до изненадувачлки триумф и тоа минимален 87-85 благодарение на поените на Христијан Настовски во последните секунди од средбата. Со што во голема мера ја одлучија и судбината на противникот, кој што сега стравува исто така за прволигашкиот статус.
Сепак, натпреварувачкиот дел од овој меч мина во сенка на инцидентот кој што следуваше по последниот кош на мечот, и масовната тепачка помеѓу актерите.
КК Вардар сега излегува со соопштение околу настаните, одговарајќи му на противникот дека во јавноста шири лаги и невистини.
„Кошаркарскиот клуб Вардар најостро ги демантира невистините изнесени од страна на КК Шкупи во врска со настаните по завршувањето на последниот натпревар. Жалиме за настанатиот инцидент, но категорично тврдиме дека нашите играчи не се виновници за инцидентот, ниту пак се “насилници” како што тенденциозно беше објавено.
Имено, инцидентот настана поради провокации и физички напад од страна на членови на стручниот штаб на КК Шкупи врз нашиот тренер, Александар Јованчев, за време на спортскиот поздрав по натпреварот. Очигледно е дека не успеаја да го прифатат спортскиот пораз, па одлучија фрустрацијата да ја изразат на несоодветен начин.
Особено е срамно што КК Шкупи се обидува да најде оправдување за својот пораз, имајќи предвид дека КК Вардар настапуваше со младински тим со просечна возраст од само 17 години, наспроти нивниот состав засилен со четворица странски кошаркари.
За жал, вакви испади од страна на КК Шкупи не се првпат, и претставуваат континуирано нарушување на спортскиот дух кој треба да преовладува на кошаркарските терени.
КК Вардар останува посветен на својата мисија – развој на млади кошаркари и афирмација на младинскиот спорт во Македонија. Наша гордост е што сме најуспешниот младински кошаркарски клуб во државата, препознаен по континуираната работа со млади категории и нивна успешна имплементација во сениорската кошарка.
Кошаркарскиот клуб Вардар изразува жалење за настанатиот инцидент и најостро се оградува од ваквите случувања. Клубот секогаш стои зад принципите на фер-плеј, спортски дух и меѓусебна почит, и најстрого се спротивставува на какви било форми на недолично однесување.
Ги повикуваме сите спортски субјекти и јавноста да не подлегнуваат на невистини и манипулации, туку да продолжат да го поддржуваат вистинскиот спортски развој, фер-плејот и младите таленти на Македонија“, со почит, Кошаркарски клуб Вардар.