Иако минаа три дена од срамниот чин на ФК Гостивар, кога без никаква основа го напушти теренот на Маџари на дербито со Работнички во таа 85.минута, по што дојде до прекин на средбата, фудбалската јавност во Македонија сеуште е во шок.
Навистина сите се прашуваме зошто таков потег од Гостивар, навистина несфатливо ако се знае дека немаше никакви спорни моменти и судењето беше на ниво.
“СпортСпорт“ го запраша некогашниот фудбалер на Шкупи, легенда на чаирчани како и некогашен фудбалер на Шкендија, Работнички, Вардар и поранешен репрезентативец на Македонија, Ертан Демири како тој го гледа ова со Гостивар.
Довчерашниот спортски директор на Гњилане од Косово, за нашите читатели изјави:
“Искрено не можам да разберам зошто Гостивар го напушти теренот. Колку и да барам некое оправдување не можам да го најдам. И јас сум зачуден како и сите во мак – фудбалот. Тоа не го прават големи клубови. Има подеми и падови, така е тоа во фудбалот. Губеле и Шкупи, Вардар, Шкендија, Работнички и другите биле и во потешки ситуации, но не ни помислиле да се откажат од својата борба на теренот. Овој чин на Гостивар, најблаго кажано, не е витешки и спортски. Секаде има судиски грешки, јас сум сведок и на Косово, но ова не е начин на однесување на еден клуб. Зошто Гостивар го прави ова? Шокиран сум!“ изјави Демири.