Македонската фудбалска репрезентација вечерва со пораз од Словенија (0-3) на Арената “Тодор Проески“ ја завршува најлошата епизода. Нашиот најдобар национален тим има шест порази и само еден постигнат гол во овој дел од Лигата н Нации, што е поразително особено ако се земе во предвид дека во минатото против силни селекции сме играле многу подобро.
Секако најтешко им е на фудбалерите, свесни се дека ниту самите не ги исполниле своите очекувања. На оваа тема говореше Џани Алиоски, кој вели дека е тешко да се најде добар збор.
„Нормално дека е тешко сега, по овој меч, да се зборува. Тешко е да се најде добар збор. Честитки за Словенија за победата. Жал ни е што по Швајцарија и Шкотска и добрите натпревари во кои покажавме дека имаме квалитет и можеме да направиме нешто, испадна вака да загубиме со 0-3. Ако ги погледнете головите и начинот на кој ги примивме – по контра, по корнер, толку малку недостасуваше… Тешко ни беше да се вратиме.
Не е крај, добро е што сега завршува овој циклус. Сите треба добро да размислиме како ќе се вратиме во новата година. Имавме добри резултати во минатото, но тоа е историја. Ова е Б-лигата во Лигата на нации, имавме тешки натпревари, дојдоа нови играчи, сите добија шанса да се покажат. Тука се гледа кој може да игра, а кој не може. Но, јас сè уште верувам дека овој тим ќе биде подготвен за следниот циклус. Сите сме виновни, нема тука млади или стари.
Сите млади играчи треба да ја искористат шансата. Голема работа е да играш за А-репрезентацијата. Треба да знаеш што значи да играш за најдобрата репрезентација. Лесно е да се бараат виновници, но сите сме виновни. Сигурен сум дека во иднина многу ќе ни помагаат.“










