Македонската одбојкарска репрезентација в сабота со лет на „Виз Ер“ ќе патува до Турку, па потоа со автобус до Тампере, каде на 1 септември ќе стартуваат со вториот настап на европските првенства во историјата на македонската одбојка. За разлика од други наши селекции учесници на континенталните собири, одбојкарите немаат чартер лет, па в сабота ги чека едно долго патување до Финска.
Според правилата на организаторот на групата „Ц“, сите репрезентации по пристигнувањето влегуваат во т.н „меур“ поради ковид-кризата и обидот да се заштитат спортистите за време на настапите на првенството.
„Ние в сабота наутро ќе правиме последни ПЦР тестови пред да заминеме за Финска. Според планот патуваме со редовна линија за Турку, па од таму за Тампере. Летот од Скопје за Турку е во 17 часот, што значи дека в сабота доцна во ноќта треба да пристигнеме на местото на кое ќе бидеме за време на првенството. Од недела ќе почнеме со тренинзи“, вели генералниот секретар на ОФМ, Зоран Карановиќ.
Репрезентативците продолжуваат со редовни тренинзи под водство на селекторот Николиќ се до сабота.