Квалификации за СП 2026:Казахстан – Македонија,16:00: Ајде момци кога најмногу е потребно!!!

1059

СпортСпорт во Астана, Огнен Чак Дојчиновски

Јунскиот квалификациски прозорец за фудбалската репрезентација на Македонија денеска го доживува својот зенит. „Рисовите“ по ремито во Скопје со Белгија 1:1 имаат шанса да направат нешто големо во оваа кампања, но тоа ќе се случи само доколку денеска на Астана Арена во Астана, главниот град на Казахстан против домаќинот победиме и обезбедиме нови три бода.

Тешкиот, шесчасовен пат до овде, како и временската разлика од три часа со Македонија ја направи за нас оваа ситуација малку потешка од вообичаените, но далеку од тоа дека некој од нашиот табор се полажи на нешто. Напротив. Момците на Благоја Милевски не само што се подготвени за борба, туку едвај чекаат што се вели да стартува мечот.

Сите се свесни за она што ги очекува, сите се свесни и за ситуацијата во која што се наоѓаат. Македонија има пет бода по три натпревари, а со евентуалните три денеска ќе имаме супер шанса за добар пласман во групата. Или малку поинаку кажано. Со трите бода денеска се е можно.

Барди: Ќе го дадеме максимумот за нова победа

 „Мислам дека мечот на гости со Казахстан е еден од најтешките во оваа групна фаза. Но, верувам дека сме спремни и физички и психички за дуелот во Астана. Направивме анализа и верувам дека секој од нас ќе го даде максимумот за да донесеме позитивен исход на теренот. Нема простор за потценувања, ние мора да бидеме концентрирани максимално и да го дадеме најдоброто од себе на теренот“ – изјави капитенот Енис Барди пред денешниот меч.

Меч по меч да, но ова е веќе ситуација во која Македонија, треба, мора да одигра на високо ниво и конечно да излеземе од онаа комфорна зона. Македонија мора, сега и веднаш, за да стигнеме до онаму каде што со години, децении мечтаеме да бидеме.

Македонија денеска има противник кој може, треба, мора да се добие. Казахстан не е селекција која што смее, треба да ни ги „скрши“ Мундијалските соништа во овој јуни.

„Нерешеното со Белгија нема да има никакво значење ако не си ја завршиме задачата според планот во Казахстан. Дојдени сме во Астана со желба да победиме, но знаеме дека нашиот ривал нема лесно да ни го дозволи тоа на негов терен. Ние мора да го дадеме нашиот максимум, без разлика како ќе тече мечот. Дури и со еден шут на голот, важно е да дојдеме до победа на ова гостување“ – додава Висар Муслиу, столбот на одбраната на Македонија.

 

 

ПретходноПобедникот во Купот ги стартуваше подготовките: Вардар од денеска во “погон“!
СледноМакедонија прво ќе гостува во Шолнок, а потоа во Орадеа!