Алкалоид промовираше седум нови засилувања за следната сезона

3735

Алкалоид останува на својата определба и во следната сезона да биде клуб составен во најголем дел од македонски ракометари кои ќе добијат врвни услови за тренинг, ќе работат според професионална програма и ќе имаат простор за напредок преку настапите на домашната и на европската сцена.

Неколку ракометари со голем потенцијал и за клубот и за сениорската репрезентација на Македонија доаѓаат следната сезона во клубот.

Станува збор за Ненад Костески, Емилијан Ѓорговски, Михаил Аларов, Михаил Ивановски, Ѓорѓи Николовски, Давид Трајкоски и Урош Борзаш.

Ненад Костески, репрезентативното десно крило му се приклучува на РК Алкалоид следната сезона. Костески е роден стружанец, има 24 години, добро се познава со новите соиграчи преку репрезентативните настапи, а следната сезона ќе има шанса да игра и покрај својот повозрасен брат, Никола Костески кој е во РК Алкалоид сезонава.

Емилијан Ѓорговски, големиот македонски потенцијал на левата бековска позиција е наш нов ракометар. Ѓорговски исто така е стружанец, има 22 години и во РК Алкалоид ќе добие вистинска шанса да го покаже целиот свој талент и потенцијал. Беше дел од сите младински репрезентации, а повремено е член и на сениорскиот тим.

Михаил Аларов, репрезентативниот пивот кој игра одлично и во одбрана и во напад ќе биде дел од составот на РК Алкалоид следната сезона. Аларов својот потенцијал и квалитет го покажуваше низ настапите во македонското првенство и очекиваме многу брзо да се вклопи во системот на игра и сигурно ќе бидe важна алка во РК Алкалоид во сезоната што е пред нас.

 

По една сезона мината на калење во екипата на РК Дубочица од Србија, во редовите на РК Алкалоид се враќа десниот бек Михаил Иваноски. Развојот на Иваноски во текот на сезоната беше постојано следен од стручниот тим на РК Алкалоид и сега одново ќе биде дел од нашата екипа.

Развојната програма на РК Алкалоид како продукт за првиот тим го нуди младиот голман Ѓорѓи Николовски. Николовски е вонсериски талентиран, луциден, пожртвувано работеше во младинските категории на клубот и во екипата на РК Мулти Есенс и целосно ја заслужи шансата да дојде во првиот тим. Тој ќе го комплетира голманското трио во кое се уште и Марко Кизиќ и Иван Галевски.

Уште еден млад играч во кој РК Алкалоид препознава вонсериски талент доаѓа во нашиот клуб следната сезона. Давид Трајкоски, ракометар од позицијата лево крило ни доаѓа од редовите на РК Прилеп. Беше одличен во младинските категории, има искуство од играње во Суперлига и ќе има шанса да го покаже својот талент и квалитет и во редовите на РК Алкалоид.

Во редовите на РК Алкалоид на позицијата лев бек за следната сезона е ангажиран и Урош Борзаш, репрезентативец на Србија. Бекот шутер има богато резиме, докажани квалитети и очекуваме брзо да се вклопи во нашиот тим.

ПретходноДодека Тер Штеген ја чека целосната разврска, великан затропа на портите на Барса
СледноПобедникот во Купот ги стартуваше подготовките: Вардар од денеска во “погон“!