Е.Пелистер не го искористи најдобро домашниот терен против Мешков Брест во првата четвртфинална пресметка за место на фајнл-фор завршницата во СЕХА-лига. Стратегот Жељко Бабиќ и неговите момци беа поразени со четири гола (31-27), негатива која ќе мора да ја надокнадат доколку сакаат да заверат билет за Задар, домаќинот на Ф4.
Единствена шанса да го сторат ова ќе имаат денеска (16 часот). Во Брест ги чека нова тешка задача, но вербата не е загубена, ракометарите на Е.Пелистер сметаат дека на првиот дуел не се покажале во најдобро светло, имаат сили за многу подобро издание.
„На натпреварот во Битола не ја покажавме правата слика, игравме под нашите можности и сигурно можеме подобро. Зе надевам дека во Белорусија ќе покажеме подобро лице. Не се откажуваме, четири разлика не се многу, во спортот сè е можно. Одиме на победа во Брест.
Сигурно дека добро се подготвија двете екипи за првиот натпревар, но тоа не беше наш ден. Сите како екипа потфрливме, но одиме во Белорусија да се покажеме во подобро издание.
Со секој тренинг, со секој натпревар се подготвуваме за тоа што ни следи. Сите добро знаеме што е пред нас. Со секој тренинг напредуваме и може да биде само подобро“, изјави Јосип Божиќ Павлетиќ.