Килијан Мбапе е подготвен за ново поглавје во својата кариера, преземајќи го иконскиот дрес со број 10 во претстојната сезона 2025/26. По брилијантната прва година во Мадрид, францускиот напаѓач ќе го замени својот број девет со бројот што стана познат и до неодамна го носеше великанот на клубот Лука Модриќ, потврди угледниот шпански весник „Марка“ пред три дена.
Дури и тогаш, Шпанците зборуваа за голем и важен маркетиншки потег, а подоцна објавија статија со главни детали поврзани со продажбата на дресовите на Мбапе. Според најавите и проекциите, бројот десет на Мбапе би можел да биде еден од најпродаваните дресови во историјата на фудбалот.
„На клупско ниво, Мбапе го носеше бројот 10 само во последните натпревари за Монако и во младинските категории. Но, овој потег не се однесува само на бројот на дресот, туку означува и нова хиерархија во соблекувалната на Реал.
Бројот 9 сега е слободен и чека нов сопственик. Тој веќе беше празен во текот на сезоната 2023/24, по заминувањето на Карим Бензема, и повторно се нуди како опција за блиска иднина“, пишува Марка.
Вториот дел од текстот ги наведува специфичните броеви за кои Реал си ги трие рацете.
„Оваа промена има и огромна комерцијална вредност, најавувајќи нов бран маркетинг во „кралскиот клуб“. Дресови со името на Мбапе и бројот 10 наскоро ќе бидат достапни во официјалните продавници, а сè укажува дека тие ќе станат еден од најбараните артикли во сезоната. Стандардната верзија на таков дрес чини 125 евра, додека верзијата идентична со онаа што ја носат играчите чини 175 евра. Дресовите ќе ги преплават улиците и трибините на Сантијаго Бернабеу. Тоа е одлична комерцијална стратегија со еден од најекспонираните фудбалери на денешницата во центарот на кампањата.
Клубот се надева дека ќе ја повтори маркетиншката магија од 2009 година, кога пристигна Кристијано Роналдо. Во првите часови по неговото претставување со бројот 9, официјалната продавница на Бернабеу продаде 15 дресови во минута – 2.000 за само два часа – што генерираше околу 170.000 евра. Во текот на таа сезона, беа продадени повеќе од еден милион дресови со натпис „CR9“, а вкупната заработка надмина 100 милиони евра, со годишна продажба што достигнува 3,3 милиони примероци“.
Сега, со Мбапе и неговиот број десет, Реал Мадрид подготвува нова кампања за производи за која верува дека би можела да ги достигне, па дури и да ги надмине овие историски бројки“, заклучува Марка, додека други шпански медиуми објавуваат дека Реал треба да заработи стотици милиони евра, ако не и милијарда.