ГРК Охрид направи тим за високи дострели. Во новата сезона ќе биде вистински конкурент за титулата. На кормилото на охриѓани е Борис Ројевиќ, кој потврди дека со девет нови играчи и плус „староседелците“ ќе бидат доста мотивирани и главна цел е да ги направат сите горди.
„Веќе при првиот разговор со луѓето од клубот, а особено со градоначалникот Пецаков, ја почувствував искрената желба, сериозната амбиција и големата љубов кон ракометот. Таа енергија веднаш ме привлече и беше клучна да ја донесам одлуката да дојдам во клубот, но и во земја каде што ракометот се доживува со толкава страст – можеби и најмногу на целиот Балкан.
Ние ќе одиме трпеливо, чекор по чекор, со вера во работата, стабилноста и поддршката што ја чувствуваме од луѓето и навивачите во Охрид. Нашата цел е јасна – да изградиме тим што ќе биде препознатлив по борбеност, заедништво и карактер. Верувам дека во текот на сезоната ќе успееме да го израдуваме нашиот град и нашата публика.“