Куманово од 3-ти до 5-ти октомври ќе биде домаќин на силен меѓународен фудбалски турнир за дечиња родени 2014, 2016, 2018 година, а на кој е организатор ФК Куманово Еуроспорт од истоимениот град.
На турнирот својот настап веќе го потврдија големите фудбалски гиганти Лацио, Рома. Порто, Бенфика, Торино, англискиот Дерби Каунти и уште многу екипи од регионот и од нашата држава .
“Сакам со огромно задоволство да соопштам дека фудбалскиот детски турнир кој ќе се одржи од 3 до 5 ти октомври во организација на фудбалскиот клуб Куманово Еуроспорт ќе биде вистински фудбалски празник не само за нас како клуб и како град, туку и за нашата држава.
Голема чест ни е како клуб да ги угостиме големите фудбалски европски гиганти како Рома , Лацио , Бенфика ,Порто и останатите тимови кои уште го потврдуваат своето учество и се пријавуваат. Искрено не верувам дека досега не само во Куманово, туку во Македонија досега имало вакви фудбалски тимови кои гостувале на едно место.
Ние досега одлично организиравме четири турнири и за нас оваа ќе представува огромен предизвик и сигурен сум дека ќе биде реализирано како што е планирано заедно со целиот мој тим кој е вклучен во самата организација.
Ние како домаќини ќе се погрижиме се да помине во најдобар ред и гостите од цела Европа да се чуствуваат како дома. Зборуваме секогаш за инклузивноста во општеството и затоа на нашиот турнир ќе направиме едно мало изненадување за дечињата со посебни потреби каде ќе можат и тие да ја почувствуваат магијата на фудбалскиот терен и фудбалската игра”, изјави на прес конференцијата претседателот и прв човек на клубот Александар Маневски
За вториот дел од настанот на јавноста и се обрати и членот на организациониот одбор Филип Наумов.
“Навистина ми е чест и задоволство што најпрво сум дел од самата организација на турнирот кој ќе биде посебен и секако инспиративен настан, турнир кој ќе опфати инклузивно учество на деца со посебни потреби. Нашето мото ќе биде : „Играме заедно, победуваме заедно“, и имаме за цел да ја промовираме инклузивноста и еднаквоста низ спортот.
Учеството на децата со посебни потреби е горд чекор кон поотворено и поддржувачко општество. Преку овој турнир сакаме да испратиме силна порака дека секое дете заслужува можност да игра, да се развива и да биде прифатено од целокупната општество.
Инклузивноста на децата со посебни потреби е важна тема што се однесува на правото на секое дете да учествува рамноправно во општеството, без оглед на неговите физички, интелектуални, сензорни или емоционални разлики. Ова значи создавање на прифатлива и поддржувачка средина во која секое дете има еднакви можности за учење, играње и развој”, изјави Наумов на прес конференцијата.
Од клубот истакнаа дека натпреварите ќе се одиграат на три стадиони во Куманово и тоа на ФК Башкими , фудбалскиот стадион покрај Спортската Сала во Куманово и на Арената на ФК Куманово Еуроспорт.
Организаторите воедно и апелираат до сите правни лица и релевантни институции доколку си во можност и имаат простор да помогнат во овој голем настан кој е од особено важност за спортот не само во нашиот град туку и на целата држава.