Кадетите поразени и од Бугарија, ќе играат за 15. место

41
фото: fiba.basketball

Во натпревар за пласман од 13. до 16. место на Европското првенство од дивизјата „Б“ во Скопје, кадетската репрезентација на Македонија загуби во дуелот со Бугарија со 65:70.

Нашите кадети беа за нијанса подобар ривал во првите десет минути, имаа и минимално водство од (16:14). Само за момент гостите од Истокот го преземаа водството на нивна страна, на почетокот на втората четвртина, поведоа со (20:18). Брзо се вративме, со серија од шест поени, за наша предност (24:20). А одличен во тој воведен дел од мечот, особено во фазата на нападот, беше Илиев, кој реализираше 14 поени.

Но следуваше нова серија на противникот, и нова промена на водството (31:28), во 16.минута од играта, доволно за тајм- аут кој го повика нашиот стручен штаб предводен од селекторот Нермин Пепиќ. Селекцијата на Бугарија беше подобар ривал во третатаа четвртина, ја доби со резултат (23:18), доволно да ја зголеми својата предност (57:50).

Во последните десет минути, нашите кадети се обидуваа да ја анулираат таа негатива, но нивните обиди се покажаа како недоволни за конечен успех.
Илиев застана на бројката од 18 поени, а во второто полувреме, офанзивно добар беше и Чучанов, кој дојде до 15 реализации.

На последниот ден од евро-шампионатот во Скопје, селекцијата на Македонија за кошаркари под 16 години, ќе игра за 15. место во конечниот поредок.

ПретходноСтруга ТЛ со пресврт до трите бода во Гостивар! (ВИДЕО)
СледноСедлоски: Требаше да победиме и поубедливо